TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Кој и зошто толку ги мрази агрегаторите ? Или пак не ?
Да, ги мразат, ете овде во Македонија, а по сè изгледа и во светот. Ги мразат најдобрите, ги мразат оние кои успеале да направат добар производ во кој голем број на корисници виделе некаква додадена вредност. Помалите се ОК - во светот има илјадници агрегатори за сè и сешто и никој не ги рчка. Ама сите го спомнуваат Гугл Њуз. Му бараат да плати за парцијално прикажување на нивните содржини.

И да додадеме, оние кои мразат се сопствениците на медиумите, и некои новинари, што претставува околу 0.001% од целата популација. Останатата популација ги ОБОЖАВА !!!.

Искрено, никогаш не го сфатив криминалот на гугл, со тоа што ги организира информациите и им нуди на посетителите сублимирана форма.

Но тука е коментарот на медиумите: Ама тој живее на наш грб !!!

Дали ќе променеше нешто доколку постоеше супер убер најагрегатор кој сите ќе го користеа и ќе беше најпосетуван сајт на планетата, а не правеше пари ? Онака, клот, без ниедна реклама, без никаков удел во маркетиншкиот пазар.
Мислам дека повторно ќе беше проблем.

Ок, еве да претпоставиме и дека проблемот е економски, демек агрегаторите ги собраа сите пари за реклами, и за нас не остана ништо. Повторно не е точно, бројот на сајтови со реклами е огромен. Од слободна проценка, барем за Македонија, го знам тој податок: колачот на агрегаторите од целиот онлине пазар е помеѓу 2% и 3%.

И се прашувам дали тие 2-3% се толку големи за да снема нешто што толку луѓе го сакаат и им треба ?!?! Дали поради тие 2-3%, вреди да се уништи сето тоа што го нудат агрегаторите ?!?! Но, OK, 2-3% се сепак некакви пари и треба да се види дали е тоа легално, па макар биле и 0.001%.

Моментално, работата на агрегаторите е легална

затоа што тоа подрачје воопшто не е прецизно регулирано. Сепак ова се колку-толку понови технологии, и не сме стигнале да ги регулираме. Time.mk со душа чека целата оваа област да се регулира и еднаш засекогаш да му се тргне и таа црна точка поврзано со неговата легалност, за која секој "правник", пред драгстор со пивце, ќе ви каже различна верзија за тоа дали е, или не е.

Но, да не се вртиме "ко киша око Крагуевца", мислам дека проблемот со агрегаторите е само и само суетата на некои луѓе. Да не се биде во жариштето на внимание. Желбата, осетот да се биде "прв" и "најголем". ОК, вродено ни е тоа да се сака да се биде прв. На крајот на краевите, животни сме, еволуцијата нè направила такви – фајтери рогати. А и недостатокот на чувството да се биде над работите, поривот да се даде последен збор, а не, некој си таму алгоритам да одлучува кој е "побитен". Time.mk не е никакво жариште, туку само уште еден сајт со поинаков концепт за информирање. Time.mk не е ни во истата класа на сајтови како медиумите кои се загрижени. Дури и по посетеност, еве дури и да е најпосетуван (за што не се знае дали е така), сигурно ако се собере посетеноста на кој и да е втор и трет, заедно, ќе е поголема од таа на Time.mk. А уште колку информативни сајтови постојат во Македонија ? 40-50 ?
Некои од новинарите сеуште не можат да го сфатат моментот дека и нивниот производ може да се смета како суровина која се дообработува и со чија помош се добива уште поголем и за некого подобар производ.
Тој производ се вика кластер од поврзани вести што обработуваат една иста тема од повеќе аспекти. Тој производ е демократски, тој производ не дозволува цензура.
Точно е, дека постои простор за интервенција во рангирањата, но тука е и единствената разлика која може да постои помеѓу агрегаторите, кој како рангира, и тука се читателите да одлучат. Нели ќе го слушавме народот што сака ?
И на крајот на краевите, секако ќе се согласите дека помал грев во однос на манипулација, ако веќе сте решиле да/дека ја има, е некого да го ставиш на трето место, наместо второ во оргинална форма, отколку дали за одредени теми дали ќе објавиш нешто или не. И, ако објавиш, колку е тоа вистинито.

Ниеден новинар не успеа да ми одговори на прашањето:

Дали медиумот кој известува за некој настан, во кој учествуваат актерите X, Y, Z, треба да им плати ?, Дали со нив да го подели колачот од реклами кои ги реди околу својот прилог додека истиот се емитува на телевизија/печат ?

Нели може да се каже дека медиумите живеат врз грбот на сите среќи и несреќи кои се случуваат во светот за кои што тие информираат ? М ? А светот што добива од нивниот профит ?

Истото го прават и агрегаторите - известуваат за тоа што има по сајтовите за вести. Некои агрегатори се подобри во тоа, некои полоши ... Сепак, на крај читателите одлучуваат каде ќе одат да проверат. И тука е проблемот: Не само што некои не се снаоѓаат добро со улогата на објект во приказната туку и чувствуваат дека мора да се води војна.

Но овде се води тотално непотребна и предвреме изгубена војна.

Војната не е помеѓу агрегаторите и медиумите, туку помеѓу големиот број на помали извори на вести и големите медиуми. Малите извори на вести, порталите, секогаш ќе сакаат да бидат дел од агрегаторите, затоа што немаат што да изгубат. Мали се, па секој клик, секоја експонираност им е многу важна. Повеќето немаат десетици или стотици илјади евра да се рекламираат со Godzilla, да се чуе нивниот глас.

Но ...

Нивната агрегирана моќ за информирање со дневни вести секогаш ќе биде поголема од кој било поединечен голем медиум. Заврши времето на МРТВ од Југославија, или на А1 и Сител од поново време, кога имаше еден, два или три медиуми и ... Што кажат тие - тоа е.
Во денешно време, бројот на преведувачи, вакви или онакви, бројот на парафразери во тие мали портали, бројот на граѓани-новинари со паметни телефони и видео камери на секој квадратен метар, се способни секој бит релевантна информација што ќе се појави на интернет или офлајн во реалноста, за неколку минути да ја проследат на своите сајтови, а со тоа ќе станат и топ теми за агрегаторите.

Тука е и просторот за маневар на големите (а и за кој било друг), а тоа е генерирањето на оригинална содржина, содржина која тешко се копира или парафразира, толку тешко што доколку некој го направи тоа, многу лесно медиумот би можел да го тужи и да го добие плагијаторот на суд - пракса која недостасува во Македонија. Оригинална и ексклузивна содржина е слабата алка на агрегаторите, затоа што не можат да ја детектираат како битна информација и поради тоа посетителите би оделе на страниците на медиумите за да ја пронајдат. Голем број читатели го знаат тоа и го практикуваат. Едуцирајте ги читателите и во таа насока. Тогаш, агрегаторите би останале да агрегираат рекла-кажала трачеви кои сите ги знаат и лесно се преведуваат и парафразираат. Тој бил таму и таму, тој и тој рекол тоа и тоа, утре времето ќе биде сончево, Вардар и Работнички играа нерешено, итн...

Затоа, драги мои медиуми (вие кои агрегаторите ги гледате како паразити и криминалци), посветете се на оригинална содржина и искористете го вашето влијание врз власта и судовите да донесат закони кои ќе се имплементираат во пракса, за да ги заштитите вашите права. Агрегаторите ви се најмалиот проблем. Запрашајте се, истражете, зошто само во Македонија агрегатор е еден од најпосетуваните 3 сајта во Македонија ? (Кој е најпосетуван никој не знае, а и најпосетуван е прилично недефинирана форма, ама друг муабет е тоа.) Погледнете барем во околината, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, зошто во најпосетуваните 15 сајтови немаат ниту еден агрегатор ?

Time.mk до последен здив ќе застане да ги брани своите и интересите на граѓаните, да им го нуди тоа што законски им припаѓа, со работа што е во рамки на законите. Дента кога ќе се донесе закон кој ќе забранува линкување (ама секаде, и од фејсбук, твитер, блогови, лични страници, медиуми, итн), ќе ги тргне линковите од своите страници и ќе ви се поклони со молба да му го дозволите тоа.

Да потсетиме, во странство не се води војна против Гугл за поставување линкови, туку за прикажување на парцијални содржини и слики. Во светот никаде не постои закон, ниту иницијатива со која ќе се забрани поставување на линк од една страница кон друга. Тоа е основата врз која почива интернетот. Повеќе за тоа "зошто не смее да се дозволи забрана за линкување", можете да најдете тука.
Кај нас ќе видиме како ќе се регулира таа област.

Овој текст не е наменет да испровоцира некого туку, напротив, да се спуштат работите на земја, да се отвори дискусија и еднаш засекогаш да се расчисти со легалноста на агрегаторите. Да се разјасни што се агрегатори (а не генератори), како работат, зошто се потребни, кои ќе бидат правилата на игра ...

Time.mk, во секое време, на било кој медиум му стои на располагање за отворено да дискутира на тие теми, со цел да се донесе што подобар закон кој генерално ќе го подобри информирањето и демократијата во Македонија.



Игор Трајковски
универзитетски професор
и основач на Time.mk
28.11.2012