TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Alexa интернет метрики, for Dummies

Што е и како работи Alexa.com ?

Alexa дава информации за веб-сајтовите, вклучувајќи најпосетувани сајтови, статистики и метрики за интернет сообраќајот, слични сајтови, рецензии на сајтови, како и контакт информации.

Информациите за посетеноста на веб страниците, Alexa ја добива на два начини.

  1. Преку инсталација на Toolbar во прелистувачот на корисникот, кој ги следи адресите кои истиот ги посетува, и ги праќа до серверите на Alexa, и
  2. Со поставување на скрипта на страниците на веб сајтовите која при секое посетување на страницата праќа информации до серверите на Alexa.
Alexa Toolbar имаат инсталирано околу 0.5 до 0.6% од сите интернет корисници. Една од функционалностите на Toolbar-от е што го прикажува рангот на тековната страница која се прегледува, како и слични други такви сајтови.

Ценовник

  1. Мерењето на првиот начин е бесплатно, т.е. веб страницата не треба да плати ништо на Alexa.
  2. Мерењето на вториот начин се плаќа. Треба да се претплатите на Alexa, т.е. да го сертифицирате вашиот сајт.

Дали двете мерења се исти ?

НЕ !!!
Затоа и треба да се разделат во посебни листи сајтовите кои се мерат на првиот начин и сајтовите кои се мерат на вториот начин.

Типично сценарио:

  • Веб сајтот A има 10.000 посетители дневно од кои само 100 имаат инсталирано Alexa Toolbar.
  • Веб сајтот Б има 500 посетители дневно од кои, со истиот процент, околу 5 имаат инсталирано Alexa Toolbar.
Притоа сајтот А се нема претплатено кај Alexa, а сајтот Б се има претплатено, за $9.99 месечно, да се регистрира секое отварање на неговите страници од сите негови посетители.

Кој сајт е попосетен според Alexa ?

Alexa за сајтот А ќе пријави дека има 100 посетители, затоа што сите останати 9.900 немаат Toolbar и Alexa нема никаква можност да дознае дека тие го посетиле сајтот А. За сајтот Б Alexa ќе пријави дека има 500 посетители, затоа што сите посетители на сајтот Б, преку поставената скрипта, се уредно регистрирани во Alexa.
Затоа Alexa, сајтот Б ќе го прогласи за попосетен од сајтот A.

Дали Alexa e одговорен за оваа заблуда ?

И ДА и НЕ. Потребно е податоците кои ги нуди Alexa внимателно да се толкуваат. Затоа што одреден индекс кој се добива од сертифициран сајт чија посетеност се мери со скрипта е различен од индекс кој се добива од инсталиран Toolbar. Alexa ги става на иста листа сите сајтови, без разлика како е добиен тој индекс. Тоа е и еден од триковите на нивниот бизнис модел, затоа што ги тераат сајтовите да плаќаат за попрецизно мерење, а тоа автоматски значи и подобар ранг на Alexa. За секој сајт има информација како е измерен неговиот индекс. Тие што се мерат со скрипти (со плаќање) имаат во горниот десен агол икона: CERTIFIED PRO. Затоа и треба да се издвојат едните од другите.
На Time.mk ги има и двете листи, се разбира бесплатно.
Мерењето со Toolbar-и е овде http://www.time.mk/rank/, каде се и повеќето сајтови, а овде http://www.time.mk/rank/indexc.html може да се види листата на сајтови кои плаќаат за мерење на нивната посетеност и истата ја мерат со поставување на скрипта на своите страници. И двата начина се дозволени и легални, но неможе тие бројки едноставно да се споредуваат.

Заклучок

Затоа, почитувани анонимни сопственици на веб страници, доколку набрзина сте склопиле некое порталче кое го полните со преведени и препишани вести, и сте платиле $9.99 за да добиете подобар ранг на Alexa, не значи дека сте го освоиле светот. Треба само малку подобро да ги толкувате податоците на Alexa за да дознаете каде ви е реално местото под сонцето.

Time.mk нема свое рангирање, нема систем кој ја прати посетеноста на останатите сајтови, туку само ги следи и филтрира податоците од Alexa.com. Time.mk досега не правеше посебни листи за претплатени и непретплатени сајтови, затоа што и ние не го знаевме различното пресметување на индексите. Во досегашното работење, Time.mk само вршеше филтрирање на странските сајтови и рангирање на сајтовите според неделниот, месечниот и три месечниот ранг што сајтовите го имаат на Alexa.

Одсега ќе правиме поделба на сајтовите кои се мерат на еден или на друг начин. Изборот си е на секој сајт посебно, но секако не може да се мешаат баби и жаби. Доколку сметате дека Time.mk не ви помага за полесна интерпретација на податоците на Alexa или врши манипулација, слободно посетете го Alexa.com или некој друг сервис, и таму следете ги индексите за посетеност на македонските сајтови.

Знаењето е сила, знаењето е моќ.

Игор Трајковски
Time.mk
23.11.2012

p.s. Баш поради овој проблем со Alexa, и други недостатоци, после нова година, повеќето најголеми сајтови во Македонија ќе започнат мерење на својата посетеност со еден заеднички систем, со кој објективно ќе се споредува посетеноста на сите сајтови. Изборот на тој систем го врши IAB Macedonia (Interactive Advertising Bureau). Time.mk е ко-основач на ова здружение.