TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Од TIME.mk до МВР и Влада на РМ: Научете се да сортирате
Читајќи ги вестите околу хаосот што настана во процесот на издавање на нови лични карти,
како и 7 часовната голгота која ја преживеав денеска обидувајќи се да дојдам до мојата лична карта, во редица со други стотина маченици (неколку стотина ако ги броиме тие што влегуваа преку ред пред носот на полицајата), би сакале да им предложиме неколку решенија (нели бараат решение) како да го средат хаосот (доколку сакаат, а не да се вадат на неодговорност на граѓаните демек кој ги тераше сите да вадат на крај од законскиот рок).

Немаше да бидат проблем 7-те часови залудно чекање во ред, доколку цивилизирано си го фатиш редот и гледаш дека во разумно време се намалува бројот на луѓе пред вас. Тоа е цената која секој разумен граѓанин би ја платил без да зуцне, поради тоа што касни со вадењето на пасош и лична карта. Место 15-тина минути чекање, би чекал неколку саати. И толку, а не сето тоа што ќе го преживее чекајќи во тој "ред" кој нема форма на линија, туку круг, и кадешто неморалните искорумпирани полицајци пуштаат 5 пати повеќе луѓе преку ред одколку тие што чесно чекаат во ред. При тоа револтот кај граѓаните стана толку голем што почнаа и помеѓу себе да се караат демек овие од прв ред не биле доволно агресивни со влегување во просторијата за издавање документи, требало да не ги пуштаат падобранците кои влегуваат преку ред (т.е. да ја играат улогата на полицајците), па почнаа да буткаат од позади, при што настана скоро стампедо пред влезната врата, на што полицијата наместо да реагира со воспоставување на ред, ни се налути и ни ја затвроти вратата и никого не пушташе додека ние не се договориме на ред или не се изедеме меѓу себе. Во меѓувреме, сомнителни типови се појавуваа со мобилки во рака, чекајќи да ги викне некој полицаец од внатре да влезат, затоа што патот за пристап до вратата го снема, буквално мораа да прегазат неколку стари луѓе и жена со дете кое почна да вреска, неможејќи да излезе од купот луѓе околу него. Сиротата мајка, зажали што го зела со себе, најверојатно немајќи каде да го остави, додека таа дошла во владина институција да подигне документ.

Тоа е Македонија 2010, господине Груевски. Сите го знаете тоа, и не мрднувате со прст да се подобри ситуацијата. Ситуацијата трае со месеци, не е од вчера. Не ни е потребна нуклеарна технологија, фабрики за микропроцесори или странски инвестиции за да нашата полиција спроведе ред во нивните простории. Ниеден јарбол за национална свест нема да го закрпи гневот кој граѓаните го чувствуваат спрема државата кога се вака малтретирани и понижени од неа. Понижени од сите тие партиски полицајци вработени од оваа или некоја стара влада. Партиски се, затоа што регуларно вработен полицаец кој живее од таа работа, не би се однесувал така препотентно и самоуверено во прекршоците (или криминалот) кои ги прави, уверен дека никаква поплака од граѓаните нема да му наштети на неговиот "бизнис".

Не ни е потребен интернет во искршени автобуси, интернет во села без водовод и струја, компјутер за секое дете со наставник кој никогаш не допрел компјутер и училиште пред распаѓање. Сакаме ефикасна и праведна администрација, да бидете исто толку ефикасни во понудата на административните услуги колку што сте ефикасни во казнувањето на компаниите кои не платиле данок.

Јас денес не земав лична карта, а имам аплицирано пред повеќе од еден месец. Не е готова. Притоа никој не ми кажа дека ќе ме известат кога ќе биде готова, а се мислам дека функционираше систем со СМС кој веќе го нема (бар никој кој чекаше таму, немаше добиено СМС дека му е готова личната карта), туку луѓето сами доаѓаат, на тепка. Немаше да чекам 7 саати, немаше да допринесувам на гужвите, доколку имаше некој да ми даде точна информација дали ми е готова личната карта. Ги прашав полицајците на врата (притоа изреволтираните луѓе што чекаа во ред за малку ќе ме линчуваа, претпоставувајќи дека сум еден од тие што влегуваат внатре да прашаат нешто и излегуваат после еден саат со еден или повеќе документи во рака). Ми рекоа дека апликациите од Јануари се готови и можам да чекам. И чекав... чекав ... со луѓето околу мене се побративме, посестривме ... заедно во сите маки. Интересно е како се бришат верски, родови, етнички линии кога луѓето се во ист кош и имаат ист проблем.

И после 7 часа чекање, туркање и дерење, влегов и го видов остатокот од проблемот кој е уште пострашен од тоа што се случуваше надвор. Како прво работеше само еден шалтер за лични карти. ЕДЕН. (ова е во МРТВ, главниот влез) Во него имаше двајца вработени кои тешко го зборуваа официјалниот јазик на државата, македонски. Колку правилно и брзо го читаат не знам, но можам да претпоставам. Го спомнувам ова не дела имам нешто против нив, туку дека тоа драстично влијае на нивната ефикасност и точност во работата. Едниот ги пребаруваше личните карти за машки, другиот за женски. Тројца ги дадовме ливчињата. По толку не пуштаа внатре. Додека го добив негативниот одговор, поминаа 35 минути. Навистина тешко ми е да смислам систем на кого би му биле потребни 12 мин (ете по 12 мин нека бидат за секој од нас) службеникот да го најде документот. Колку треба да бидат неписмени, необразовани, не знам више какви не, за да сите документи на буквата "Т" ги лупнат во една кутија и ги пребаруваат еден по еден, за секој човек кој има презиме кое почнува на буквата "T". И го гледав службеникот, стои таму во собчето и врти низ документите, 15 минути. Сега постојат две варијанти, дали тој што му ја наполнил кутијата е имбицилот или пак службеникот не го истренирале како што треба, или го тренирале, но овој немал капацитет да го запамети методот на пребарување.

Се зависи од тоа дали кутијата е сортирана

Се зависи од тоа дали кутијата е сортирана, по било што, дали датум на раѓање, име, втора буква од презиме, што и да е. За да може купот од документи да се пребарува далеку побрзо. Да ви објаснам како би го направиле тоа. Еве на пример сакате да го најдете бројот 21 во листата од броеви: 1, 2, 2, 3, 4, 6, 8, 12, 13, 14, 20, 21, 23, 28, 31, 32, 40 (каде може да се види дека докуемнтите се сортирани по растечки редослед). Место да го барате бројот 21 почнувајќи од почеток, па еден по еден додека не го најдете, можете да почнете од половина, ќе го видите бројот 13, и одма знаете дека треба да барате десно, пак барајте од половина од тоа што ви останало, ќе го најдете бројот 23, значи документот што го барате е лево од таа позиција, значи со 2 споредби, сте отфрлиле 75% од документите. Процесот го повторувате додека не стигнете до 1 документ. Доколку дневно издаваат по 2500 документи, во една кутија нека има околу 128, со 7 споредувања ќе го најдат ако го има, или ќе знаат дека го нема. 7 наместо 128. Значи околу 20 пати побрзо (доколку големината на кутиите е поголема, овој однос е уште поголем, на пример: ако кутијата има 1000 документи, пребарувањето со оваа постапка е 100 пати побрзо).


Секое споредување нека биде 3 секунди, доколку знаете брзо да читате, или 6 секунди доколку тешко ви оди, значи 21 секунда наспроти 384 секунди (односно 768 секунди = 12.8 минути). Но оваа постапка може да се примени само ако документите во кутиите се сортирани по нешто. Инаку, постапката се вика бинарно пребарување. Значи 20 пати повеќе издавања, 20 пати помалку нервози, 20 пати позадоволни граѓани. Но ако знаевте да сортирате, т.е. фирмата која ви го дизајнирала целиот систем и административците кои го користат, на кои сте толку горди во врска со визната либерализација.

Тоа е проблемот на сите чекања, сите редови, сите фрустрации и пцуења од дно на душа. Елементарно непознавање на најосновни работи, нефукционалност, непрофесионалност и најлошото од се, незаинтересираност проблемот да се реши, затоа што проблемот е решлив и има луѓе кои можат да го решат. На крај краева, службеникот можеше да провери во компјутерот (ако софтверот има таква опција и службеникот знае да ја користи) дали воопшто го имаат тој документ, за да не губи 12 минути да го бара низ кутијата (или кутиите), туку да ми каже: Не е готово, и да премине на следниот случај. И сето тоа уште повеќе ќе се скратеше ако праќаа СМС кога е готов документот, па воопшто да не трошеа време на случаите како мене. 5 денари за СМС, секој граѓанин би ги платил да не чека залудно со саати. И сето тоа, целиот систем може да се направи да работи автоматски. Без човечка интервенција. Да не зборам за опции каде граѓанинот би се известувал за секој чекор од патот на неговото досие низ системот, да доколку заглави некаде повеќе од очекуваното, да интервенира. Но да имаа визија и да знаеа како да го направат.

Воедно TIME.mk ви ги нуди сите свои консултантски услуги, знаење, искуство и решенија, за дизајн на информациони системи, БЕСПЛАТНО. Треба само да имате доблест и сила да прашате, кога не знаете како. А за тоа колку знаете, посетете ги шалтерите во МРТВ и ќе ги видите вашите резултати.


1 Март 2010
Др. Игор Трајковски
универзитетски професор по компјутерски науки,
креатор и администратор на TIME.mk



Останати текстови: