TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Како е можно ? .EDU
Би сакал да се надоврзам на колумната на Жарко Трајаноски со наслов "Како е можно?" во контекст на тековните проблеми во високото образование и конкретно за случувањата на мојот матичен факултет.

Значи ова се здраворазумски прашања за кои не треба да имате докторат да ги разберете, ниту вселенска програма за да ги решите.
  1. Како е можно да не постојат приемни испити на факултетите, туку секој кој треба и кој не треба, да го оптеретува веќе загушениот високо-образовен систем? Зошто не се воведат строги приемни испити, да се намали бројот на студенти и се стипендираат поголем број вистински студенти на кои навистина им е местото на универзитетите и им е потребна финансиска помош.

  2. Како е можно факултетот да не може по автоматизам да вработи нов професор (асистент) кога професорот (асистентот) од било која причина го напуштил факултетот (пензија, докторски студии, подобра понуда, итн.) туку треба со години да се чека одобрение (читај лобирање) за ново вработување од Министерството за образование и наука, Министерството за финансии и Ректоратот ? Дали некој пресметал колку го оштетува студирањето на тековните студенти ?

  3. Како е можно основната плата на универзитетски професор да биде само 10-тина проценти поголема од просечната плата во РМ ? Не треба да се коментира што произлегува од тоа: одлив на квалитетни кадри, корупција, неквалитетна настава поради презафатеност на професорите со други профитни активности, итн.

  4. Како е можно да не се покриваат минималните трошоци за презентација на научен труд на меѓународна конференција, а воедно да се воведуваат високи критериуми за публикации за менторство на докторски студии ? Докторски студии кои веќе една година не постојат, а асистентите нервозни тупкаат во место. Кој ќе им ги надомести овие 12 месеци, ако воопшто се започне со докторските студии оваа година ?

  5. Како е можно на факултет да бидат вработени професори, експерти од дадена област, кои се неангажирани, или ангажирани под пропишаниот минимум, а да во исто време на истиот факултет постојат предмети од истата таа област, кои не им се нудат на студентите само поради тоа што тие предмети се во сопственост на друг професор кој што е или презафатен или па воопшто нема желба да ги предава ?
    Како е можно никој да не го гледа тоа, и да не му е битно ? Тука вината ја гледам и во студентите, затоа што тие се запишале поради понудата која ја дал факултетот, кој сега не им ги нуди тие предмети. Би требало и самите да се борат за тоа право.

  6. Како е можно да се прими професор на водечки инжинерски факултет, а да не му се обезбеди основна инфраструктура за работа, како на пример компјутер ?!?! туку, треба да носи свој приватен, или сам да си купи ? Да не збориме за најосновно обележување на канцеларијата каде работи, за да може студентите да го најдат. Како е можно на универзитет да нема систем и процедура, за новопримен работник ?

  7. Како е можно да постои лабораторија, на водечки инжинерски факултет во земјата, со 10-годишни застарени компјутери, БЕЗ мрежа и интернет врска ? Што воопшто може да се сработи на такви компјутери ?

  8. Како е можно професори да предаваат предмети од области по кои немаат прикажано никаква наставно-научна работа, немаат никаква публикација или теза од таа област ?

  9. Како е можно еден професор да предава на вкупно 735 студенти во еден ист семестар ?

Навистина, како е сето ова можно и никој да не превземе ништо ?

Тоа се дел од причините зашто високото образование во Македонија тоне со забрзано темпо.


Др. Игор Трајковски
Универзитетски професор по компјутерски науки
20 Септември 2010


Останати текстови: